Предавање за безбедност – „Петардите не се играчка“

Во нашето училиште се одржа едукативно предавање за безбедност со учениците од 6 до 9 одделение, на тема ризиците и последиците од употребата на пиротехнички средства.

Учениците беа потсетени дека безбедноста и здравјето се на прво место, особено за време на празниците.

Биди одговорен – празнувај безбедно!

Булинг – Не си сам

Денес, 18.12.2025 година, во соработка со родители, ученици и наставници од активот на 5-то одделение, се одржа едукативно предавање на тема

„Булинг – Не си сам“, реализирано од родителката Анета Ристовска (V-4).

Учениците покажаа голем интерес и активно учествуваа, запознавајќи се со поимот булинг, начините на негово препознавање, справување и превенција. Преку интерактивна дискусија и практични примери, се нагласија вредностите на другарството, почитувањето и меѓусебната поддршка.

Наставниците и родителите ја поздравија иницијативата како значаен чекор кон градење безбедна и поддржувачка училишна средина. Учениците изразија желба за уште вакви активности во иднина.

Заедно против булингот – никој не е сам!

„Кошарката моја игра“ – спорт, тимска игра и успех!

На 17.12.2025 година, во училишната спортска сала „Бобан Ивановиќ“ при ООУ Кирил и Методиј – Стајковци, во организација на Општински сојуз на училишен спорт на Гази Баба, се одржа спортската активност „Кошарката моја игра“ за учениците од 5-то одделение.

На настанот учествуваа ученици од сите основни училишта од Општина Гази Баба, со цел развивање на психомоторните вештини и поттикнување на љубовта кон спортот уште од најмала возраст.

Пласман:

ООУ „Кирил и Методиј 1“

ООУ ,, Дане Крапчев”

ООУ „Крсте Мисирков“

Честитки до учениците од нашето училиште за освоеното место!

Благодарност и честитки и до одговорниот наставник Томислав Спасовски за посветеноста, поддршката и одличната подготовка на учениците!

Продолжуваме со спортски дух и нови успеси!

„Полигон“ за ученици од III одделение

Денес се одржа натпревар во „Полигон“ за ученици од III одделение, на кој учествуваа 12 училишта од Општина Гази Баба – Скопје.

Учениците од нашето училиште покажаа одлична подготвеност, тимска работа и вистински спортски дух, со што го освоија 3. место во првиот дел од натпреварувањето.

Честитки до нашите ученици за трудот, залагањето и успешното претставување на училиштето!

Одговорни наставници: Јовица Димески и Томислав Спасовски

Посета на Археолошкиот музеј на Македонија

Нашиот тим ученици од VI до IX одделение, кој активно се подготвува за натпреварот First Lego League 2026, имаше ретка и несекојдневна можност – конструктивна средба и разговор со археолог во прекрасниот амбиент на музејот.

Годинешната тема “UNEARTHED” доби сосема нова димензија преку оваа едукативна и навистина инспиративна посета.

Преку разгледување на автентични артефакти и професионално водена тура, учениците стекнаа подлабоко разбирање за развојот на древните цивилизации и значењето на археологијата во зачувувањето на нашето културно наследство.

Овој директен контакт со материјални докази од минатото ја разбуди нивната љубопитност и отвори нови хоризонти – особено во насока на размислување како современата технологија и роботиката можат да придонесат во идните археолошки истражувања.

8 Декември – Св. Климент Охридски

Во нашето училиште го одбележавме денот на големиот учител, просветител и заштитник – Св. Климент Охридски.

Учениците и наставниците подготвија прекрасни активности:

изработки инспирирани од глаголицата и кирилицата

креативни паноа и макети

уметнички работилници

истражувачки задачи и презентации

Голема благодарност до сите ученици за нивната трудољубивост и креативност, и до наставниците за посветеноста, идеите и тимската работа која повторно создаде волшебна училишна атмосфера.

Заедно ја чуваме светлината на Климент во нашето училиште!

Изборен предмет – Готвење

Тема: „Во ресторан“

Вчера VII-2 имавме супер искуство! Заедно со наставничките Радица и Роза бевме во ресторан „Потковица“ – Хиподром, каде што се запознававме со „тајните“ на ресторанот: правила на однесување, хигиена, мени, сервирање… сè!

Шефот и келнерите ни покажаа како се поставува маса професионално, како се складира храна и зошто хигиената е закон.

Ние? Прашај, слушај, пробај – баш како вистински млади гастрономи!

Благодарност за гостопримството, вкусната храна и позитивната енергија!

До следната дружба – се враќаме повторно!

Успех на нашите ученици во футсал

Во рамките на меѓуучилишните општински натпревари, во првите две кола од футсал лигата за VIII и IX одделение, екипата на ООУ „Дане Крапчев“ покажа одлична игра и голема борбеност.

Резултати:

I коло:

ООУ „Григор Прличев“ – ООУ „Дане Крапчев“

1 : 3 – победа за нашето училиште!

II коло:

ООУ „Дане Крапчев“ – ООУ „Наум Охридски“

3 : 2 – уште една заслужена победа!

Браво за нашите ученици!

Горди сме на вашиот труд, тимски дух и спортско однесување. Продолжете со исто темпо – напред „Дане Крапчев“!

Меѓународен ден на лицата со попреченост – 3 Декември

Во нашето училиште денот го одбележавме со креативни работилници и заеднички активности исполнети со поддршка, инклузија и другарство.

2/1 одделение со наставничката Катерина Димовска, дефектолог Марија Трипуноска и образовниот асистент Милена Алексoвска од ОУРЦ „Иднина“ – Скопје реализираа креативна работилница под мотото „Секој ден – ден за сите“.

1/2 одделение со наставничката Лидија Ѓорѓиева и образовниот асистент Елизабета Тошевска од ОУРЦ „Иднина“ – Скопје на креативен начин го одбележаа 3 Декември – денот на лицата со попреченост, под мотото „Живеејќи над границите“.

4/4 одделение со наставничката Анастасија Мирчевска, дефектолог Марија Трипуноска и образовниот асистент Марија Петровска од ОУРЦ „Иднина“ – Скопје организираа креативна инклузивна работилница.

Заедно создаваме училиште во кое секое дете е видено, поддржано и вреднувано.